Миленкоски ден по победата: Малку спиев, мора да се смириме, за Црна Гора ни е потребна нова стратегија

636

Ден по првата победа на клупата на Македонија на едно европско првенство, селекторот Јошко Миленкоски вели дека од возбудата и атмосферата, напнатоста и желбата за победа на дуелот со Данците, ретко кој успеа да се одмори во текот на ноќта.

„Не знам што да ви кажам. Тешко дека одморив ноќеска. Тоа беше една вечер со многу емотивен набој. Прв меч на Европско на клупата на Македонија, прва победа, притисок и ваква возбуда, тешко се издржува. Кажав и вчера, сум имал стотина натпревари од највисоко ниво, со врвни екипи и врвни играчи, но ваква возбуда на домашен терен, требаше да се издржи“, вели Миленкоски подготвувајќи ги првите анализи на следниот противник на нашата репрезентација.

„Утрово имавме разговор со играчите. Мора да се смириме сите. Мора да го оставиме овој меч со Данска зад нас. Нема потреба, ниту сакам да анализирам завршени средби, особено ако сме ги добиле. Сега се подготвуваме за Црна Гора“, дополни.

Црна Гора, со која в сабота се среќаваме во вториот меч за нас во групата „Ц“ на ова ЕП, денеска почнува со настап на првенството и тоа против еден од двата фаворити во групата Холандија.

„Веќе имавме една видео-анализа на противникот кој не очекува в сабота, попладнево ќе имаме и редовен тренинг, па заедно ќе го гледаме мечот на Црна Гора и Холандија. Црна Гора е тактички поинаков тим од Данска. Имаат условно речено поспора игра, побавни центри, што изискува поинаков пристап и од наша страна. Затоа за нив ќе мора да се подготвуваме сосема поинаку. Имаме време за анализа, а мислам дека добро познавам и дел од нивните играчи“.

Капитенот на Црна Гора, Војин Чачиќ е добро познато име за нашиот селектор. Чачиќ во два наврати му беше играч на Миленкоски во два клуба кои тој ги водеше во кариерата досега.

„Нивниот најдобар играч е примачот и капитен, Чачиќ. Уште кога почнуваше на 17-18 години го имав во тимот како тренер на Будванска Ривиера, а потоа заедно стигнавме и до финалето на ЦЕВ Купот во 2018 година со турскиот гигант Зираат Банкаши. Таа сезона јас како тренер на Зираат Банкаши имав плејада ѕвезди на светската одбојка во тимот, а меѓу нив беше и Чачиќ. Добро се познаваме и јас него и тој мене и мојата работа. Тоа може да биде предност, но не секогаш. Сепак, велам, потребно е да влеземе во мечот од почеток. Нема еуфорија, в сабота мораме од нула“, заврши Миленкоски кој вчера извонредно го водеше националниот тим до посакуваната победа на стартот на третото европско учество на Македонија на континенталните собири.

ПретходноГрујоски на дербито Шкендија – Шкупи
СледноПрволигашите ги „запалија моторите“: Сонот е еден – тронот на МЗТ Скопје!