Србија не успеа да ја продолжи победничката низа од групната фаза на Светското првенство. На првиот дуел од втората рунда „орлите“ во драматичен меч со бројни пресврти беа совладани од Италија со 76-78.
По овој пораз, избраниците на Светислав Пешиќ веќе не се сигурен патник за четвртфиналето, за пласман ќе им биде потребна победа против Д.Република.
И двете репрезентации имаа свои добри и свои лоши моменти. Конретно Србија во третата четвртина, можеше мечот да го сврти во своја корист. Овој период го отвори со серија од 13-2 и поведе со 55-42 во 25. минута, имаше и 60-44, но буквално застана.
Следеше кам-бек на Италија, која во последниот период веќе на големо „чекореше“ кон победата, отвори со 3-10, а потоа одржуваше позитива од три до пет поени. Јовиќ се обиде со удар од далечина да донесе победа, но не беше прецизен.
Симоне Фонтекио ги предводеше Италијанците, постигна 30 поени и 7 скока. На другата страна Богдан Богдановиќ запиша 18 поени.