Деспотовски: Вечерва е најбитно да гледаме што се случува на нашата половина од теренот

231

Нашите одбојкари утрово го одработија и последниот полесен тренинг пред вечерашниот дуел со Црна Гора во втората рунда од натпреварите во групата „Ц“ во Скопје. Атмосферата меѓу одбојкарите е извонредна, иако сите во еден глас се согласни дека еуфорија не смее да ги фати. Двата слободни дена по победата над Данска очигледно добро дојдоа да се застане цврсто на нозе пред да се влезе во битката која значи историско осминафинале за нас.

„Завршивме со тренингот, сега треба да се одмориме некој час, да се концентрираме и да влеземе во мечот комплетно психички подготвени. Рековме дека не смее да не фаќа еуфорија. Атмосферата е одлична, сите сме ’орни“ за борба и тоа ќе го покажеме на терен. Фаворити сме на хартија, но тоа треба да го потврдиме на терен. Мораме да ја гледаме нашата игра, она што се случува на нашата половина на теренот и да заборавиме на она што се случува од другата страна на мрежата. Само така може да ја постигнеме целта“, вели првиот техничар на нашиот национален тим, Филип Деспотовски.

И тој и останатите наши одбојкари посакуваат арената „Борист Трајковкси“ да биде исполнета до последното место, што ќе биде дополнителен предизвик. Црна Гора е тим составен од познати одбојкари со кои веќе многупати сме имале и пријателски, па и по некој официјален меч.

„Искрено, добро се познаваме со Црногорците. Со голем дел од нив сме и добри пријатели. Еве за мене лично, одличен пријател сум со Блажо Милиќ, нивниот среден блокер. Разговаравме деновиве по нашата средба со Данска, односно нивната со Холандија и тој и неговите соиграчи не кријат дека ние сме на хартија подобри од нив, но јасно ни најавија дека ќе се борат до крај за победа. Тоа не мотивира и нас, да покажеме дека не случајно имаме аспирации за осминафинале. Ќе биде добар меч, со добра екипа, со пријатели и се надевам дека на крајот ние ќе се радуваме“, заврши Деспотовски.

Пресметката вечерва од 20 часот ќе биде одлучувачки дуел за нас на патот до втората фаза на Евроволеј 2023.

ПретходноСпалети: Ќе играме со четворка во последната линија, а Жоргињо и Верати не се тука затоа што не играат редовно
СледноБурим Салии најново засилување за Беса