Вечерва играме против фаворитот за злато: Против Полска нема што да се загуби

197

Актуелниот освојувач на Светската лига на нации 2023, селекцијата на Полска е третиот противник на нашата одбојкарска репрезентација во рамките на групата „Ц“ на Европското првенство во Скопје. По синоќешниот убедлив триумф над Црна Гора од 3:0 и скоро заверениот пласман во осминафиналето, Македонија пред себе има уште три меча во кои ќе се обиде да се избори за што подобар пласман на едно од првите четири места кои водат во следната фаза.

Полска е една од трите најдобри селекции во светот во овој момент, а за формата во која дојдоа во Скопје најдобро зборува триумфот на Светската лига на нации, каде пред неполни два месеци успеаја да ја победат жестоката конкуренција и да дојдат до за нив првото злато во ова натпреварување. Полјаците беа бронзени на последното ЕП во 2021 година, па сега под водство на српскиот стратег Никола Грбиќ имаат за цел освојување на европското злато кое последен пат го освоија во 2009 година на првенството во Турција.

Предводени од две мега-ѕвезди од калибарот на Вилфредо Леон и Бартош Курек, Полска денеска е апсолутен фаворит на дуелот со Македонија. Ние ќе мора да го искористиме мечот за да подготвиме стратегија за што подобар настап во последните два меча во групата, против Холандија и против Чешка, каде реално, ќе можеме да се обидеме да дојдеме до уште една победа. Историски, со Полјаците имаме четири пресметки, од кои две во квалификации за ЕП 2015 и две во Европската лига во 2015 година. на четири меча имаме само една победа, тесна со 3:2, додека трите порази ги претрпевме со прилично убедлив резултат (двапати по 3:0 и еднаш 3:1).

Денеска од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ сите кои ќе дојдат да ја бодрат Македонија, сигурно ќе имаат едно несекојдневно искуство да бидат дел од меч во кој ќе настапат некои од најголемите ѕвезди на светската одбојка во овие моменти.

ОДБОЈКА, ЕП 2023

ГРУПА Ц

17.00 Данска- Црна Гора

20.00 Македонија – Полска

Standings provided by Sofascore

 

ПретходноИталија си обезбеди четвртфинале на Мундобаскетот
СледноВајналдум е ново засилување за Ал-Етифак на Стиви Џи