Една од главните ѕвезди на полската, па и на светската одбојка е во Скопје. Капитенот на нашиот вечерашен противник во групата „Ц“ на ЕП 2023, Бартош Курек, не настапи на дербито со Холандија, додека на првиот дуел со Чесите влегуваше од клупата и имаше само еден освоен поен. Полските медиуми стравуваа од можна повреда, но Курек тврди дека е комплетно здрав.
„Се е во ред. Тренирам, играм. Дефинитивно сум здрав. Немаше да бидам тука да не беше така. Тоа е клучно“, потврди тој, дополнувајќи дека во моментов Качмарек е во многу добра форма и тој заслужи место во првата постава на селекторот Никола Грбиќ.
За досегашните настапи и победи и за мечевите со Македонија, Данска и Црна Гора кои претстојат, Курек вели:
„Дојдовме да победиме, по можност се од почеток до крај. Веќе наидовме на солиден отпор во групата, бидејќи верувам дека доколку не го подигневме нивото од првиот сет на мечот со Холандија, тоа можеше да биде голем проблем. Мора да бидеме фокусирани до крајот на групата, а потоа моќта на противниците и важноста на натпреварите практично од ден на ден ќе се зголемуваат. Сепак, се надевам дека овој турнир ќе трае долго за нас“.
Со оглед на тоа што не беше во првата постава за дуелот со Холандија, Курек вели дека искористил шанса и да прошета низ Скопје.
„Отидовме на кратка прошетка и ручек за да го видовме центарот на градот, бидејќи досега немавме таква можност. Скопје ми остави многу позитивен впечаток. Секако би го препорачал на секој кој сака да посети едно вакво место. Овде може да се дојде на едно убаво викенд патување. Колку што го разгледав Скопје, градот може да понуди историски вредности, а времето во овој период од годината е одлично“, заврши капитенот на Полјаците со кои вечерва од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го одиграме третиот меч на ова ЕП.