Актуелниот освојувач на Светската лига на нации 2023, селекцијата на Полска и го нанесе првиот пораз на нашата одбојкарска репрезентација во групата „Ц“ на Европското првенство во Скопје. Пред повеќе од 4000 гледачи во СЦ „Борис Трајковски“, Полјаците кои се апсолутен фаворит во нашата група, славеа во меч во кој успеавме да покажеме заби во вториот и третиот сет. За нас и натаму последните два меча со Холандија и Чешка остануваат главна шанса да бараме и трета победа на првенството за да се обидеме да стигнеме до осминафиналето и како третопласирани на табелата во групата.
МАКЕДОНИЈА – ПОЛСКА 0:3 (12-25, 21-25, 14-25)
Како и што се очекуваше Полјаците почнаа силно. Успеаја да фатат неколку наши напади и да поведат со 1:4. Ние возвративме веднаш. Добри напади, еден сервис ас на Љафтов и веќе стигнавме до 6:7. Иако успевавме да одржиме рамнотежа, Полска фати серија од 3:0 и стигна до 9:12, што беше знак за прв тајм-аут за Миленкоски. Полјаците продолжија да го засилуваат темпото, ние направивме неколку непотребни грешки во напад и разликата стигна до минус пет (11:16). Од овој момент се тргна надоли. Ние не успеавме да поминеме ниту една топка во напад, Полска успеа да направи серија блокови и на крајот сетот беше убедливо загубен со 12:25. Беднорж и Форнал со по 5 поени беа незадржлив кај Полска, кај нас Никола Ѓорѓиев реализираше 4 напади.
И вториот сет го започнавме добро. Не дозволивме противникот брзо да се одлепи. Резултатска рамнотежа имаше се до 5:7, но потоа Полјаците повторно влегоа во серија. Успеаја да се одлепат до 5:10, по што Миленкоски повика одмор. Разликата од 4 до 5 поени остана и во продолжение на сетот, но за нијанса успеавме да го подобриме нападот, иако Полјаците имаа гранитен блок. На средина на сетот Полска имаше предност од 13:16. Одличната серија која ја продолживме со помош и на публиката не донесе до егал во самиот финиш на сетот, кога успеавме да израмниме на 19:19 и да го направиме завршниот дел од сетот многу интересен. По голема борба Полска стигна до прва сет-топка на 21:24. Ѓорѓиев не успеа во напад и полска со 21:25 успеа да поведе и со 0:2 во сетови. Кога не одеше, Курек ги презема работите во свои раце и со 7 поени беше најдобар реализатор во сетот. Кај нас Ѓорѓиев имаше 5 реализирани напади, а Љафтов освои 3 поени.
На почетокот на третиот сет поведовме со 3:2, но Полска успеа брзо да премине во водство. Со неколку добри сервиси успеаја да не разбијат и да дојдат до 4:7. Ние не се предадовме, па по тајм-аутот успеваме повторно да дојдеме до егал – 9:9. Полјаците повторно влегоа во серија и повторно се одлепија на 9:14. Ние никако не успеавме да фатиме ритам. Предноста на Полска јастеше слично како и во првиот сет, се до 10:17, кога Илиев успеа со еден смеч да донесе поен за Македонија. Сепак, квалитетот на Полска дојде на сцена и во финишот на сетот, кога со моќен сервис направија нова серија која ги доведе на три поени до освојување на сетот (13:22). До крајот тимот на Грбиќ во игра за првпат го внесе и Леон, кој на севрис ги освои последните два поени за конечни 0:3 во сетови.
Беднорж со 17 поени беше најдобар поентер кај Полска, а одлично издание имаше и Форнал кој заврши со 16. Кај нашата репрезентација 12 поени зад името на Никола Ѓорѓиев.
Следен меч за Македонија е оној со Холандија во вторник од 17 часот.