Манчестер Јунајтед беше поразен од Арсенал со 3-1. По четири одиграни натпревари во новата сезона, „црвените-ѓаволи“ имаат две победи и исто толку порази, што е доволно само за 11. место во Премиер лигата.
Во протоколот за натпреварот против Арсенал го немаше напаѓачот на Јунајтед Џејдон Санчо, а новинарите на „Островот“ беа заинтригирани од отсуството на 90.000.000 евра платениот фудбалер. Менаџерот Ерик тен Хаг ја објасни оваа одлука со лошите перформанси на напаѓачот на тренинг.
Тоа воопшто не му се допадна на Санчо, кој се огласи на својот Твитер профил и без двоумење напиша дека Тен Хаг не ја кажува вистината.
„Ве молам, не верувајте во се што ќе прочитате. Нема да дозволам луѓето да кажуваат работи кои се целосно невистинити. Работев многу добро на тренинзите оваа недела, а верувам дека има и други причини за оваа одлука на менаџерот, што не сакам да навлегувам. Бев жртвено јагне, не е фер. Се што сакам да правам е да играм фудбал со насмевка на лицето и да му помогнам на мојот тим. Ги почитувам сите одлуки донесени од стручниот штаб. Играм со одлични играчи и благодарен сум за тоа, а исто така знам дека секоја недела нов предизвик. Ќе продолжам да се борам за овој грб без разлика на се“, стои во пораката на Санчо.