Кој губи има право да се лути, вклучително и Шпанците кои причината за елиминацијата од Мундобаскетот и губењето на светскиот трон ја гледаат во судиите.
Во решавачкиот меч за пласман во четвртфиналето, Канада во драматичен финиш ги совлада Шпанците со 88-85 и со тоа го зазеде првото место во групата Л, додека „црвената фурија“ мораше да си оди дома.
На Шпанците им падна тешко, па еден од најискусните во тимот, играчот на Барселона Алекс Абринес ги обвини судиите за неуспехот.
„Судењето беше разочарувачко. Има многу протагонисти на теренот, судии не смеат да бидат. Ние сме главните актери, не тие“, изјави Абринес по мечот.
Абринес истакна дека арбитражата била лоша низ Мундобаскетот, некогаш на нивна штета, некогаш на противникот.
„Не само денеска, во текот на целиот турнир, судиите носеа лоши одлуки. Не сакам да кажам дека се одеше против нас, тоа на крајот не е важно. Еден ден сè оди во наша корист, другиот ден одат во туѓа корист“, заклучи кошаркарот на Барселона.