Попладнево од 16 часот со мечот Струга ТЛ – Тиквеш завршува 6.коло во ПМФЛ. По успешната европска пролет, во која Струга ТЛ во својот втор настап на евро – сцената во клупската историја дојде до плеј – офот во Лигата на Конференции, сега е време за враќање на домашните обврски. Покрај овој меч стружани треба да одиграат уште три заостанати средби и тоа со Шкендија, Вардар и Воска Спорт. Значи од денеска Струга ТЛ стартува со одбрана на титулата во ПМФЛ.
А дека нема да биде лесно денеска со Тиквеш тука нема дилеми. И поради квалитетот на квадарчани, но и поради заморот на стружани од тие осум европски натпревари кои ги одигра ова лето, а и поради доцнењето со враќањето од Исланд, кога стружани поради временските услови не можеа на време да се полетаат по мечот со Бредиаблик.
Значи европското лето за сите во Струга ТЛ ќе остане во убаво сеќавање, но сега е време за бодови на домашната сцена.
Како што веќе нагласивме, мечот Струга ТЛ – Тиквеш се игра денеска на Градскиот стадион во Струга со почеток од 16 часот. Главен судија ќе биде Јосип Бартон.