Македонија во септември ќе одигра против Италија дома и против Малта во гости во квалификациите за ЕП 2024. По оние порази од Украина и Англија пред почетокот на летото, сега нашите репрезентативци ќе треба да извадат добри резултати и да покажат дека се уште има сила и знаење во нив.
Доријан Бабунски очекува со нова енергија, со позитивен менталитет да отиде на мегдан со силната Италија.
„Италија е светска сила во фудбалот. Но сега имаме реновирана енергија, треба да се фокусираме, да научиме од нашите грешки од претходните натпревари, да ги исправиме и да ги подобриме сите аспекти од нашата игра. Ќе дадеме се од себе да извлечеме позитивен резултат. Во фудбалот нема историја. Тоа што поминало – поминало, сега со нова енергија да се потрудиме колку што е можно да им парираме и да конкурираме за добри резултати.
Мислам дека секој играч кога доаѓа да игра за репрезентација е спремен 100%, оваа енергија тука не може да се почувствува во клуб. Тука има и искусни играчи, доста си помагаме едни со други и мислам дека ако сме со позитивен менталитет ќе направиме нешто“, изјави Бабунски.