По еден ден пауза, македонската одбојкарска репрезентација попладнево од 17 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го одигра четвртиот меч во групата „Ц“ на Европското првенство во Скопје. По поразите на Данска и Црна Гора на вчерашните дуели, Македонија и официјално го потврди местото во осминафиналето, па сега останува низ последните два меча да се обидеме да се пробиеме на некое од погорните места на табелата и во осминафиналето да дочекаме, условно, полесен ривал.
Избраниците на Јошко Миленкоски имаа ден пауза по силниот дуел со Полска, а пред себе денеска го имаат вториот фаворит во групата, селекцијата на Холандија. „Лалињата“ беа наш противник и пред две години на последното ЕП кога не совладаа со максимални 3:0. Сепак, за разлика од тогаш, сега и условите, но и местото на одигрување на натпреварот се променети. Ние попладнево ја очекуваме громогласната поддршка од трибините, што може да биде наш голем адут во обидот да ја изненадиме Холандија. За нас ова е еден од двата меча во кои треба да покажеме дека не случајно сме дел од оваа европска елита.
„Ако можевме со Полска да се држиме до 21-22 поени, мислам дека можеме и со Холандија. Тоа не е тим од рангот на Полска, а и со добра атмосфера од трибините можеме да одиграме. Знаеме да играме добро и под притисок, па затоа мислам дека може да се обидеме да ги изненадиме. Тие го имаат Нимер Абдел-Азиз, тој е извонреден одбојкар, но и ние имаме наша игра. Апетитите растат, но да одиме чекор по чекор. Прво денеска со Холандија, па потоа ќе мислиме на Чешка“, вели нашиот примач, Александар Љафтов.
Мечот денеска ќе го судат Естонецот Страндсон и Португалецот Фереира.