Светислав Пешиќ и неговите избраници се пласираа во полуфиналето на Светското првенство. До ова место дојдоа доминантно, ја совладаа Литванија со убедливи 87-68.
Победата, кошаркарите на Србија ја посветија на својот соиграч, Бориша Симаниќ, кој имаше две операции и остана без едниот бубрег.
Сите во таборот на репрезентацијата на нашиот северен сосед дадоа емотивни изјави, а посебно емотивен беше селекторот, Пешиќ, кој не издржа, едноставно заплака пред каметите.
„Бориша, држи се“, рече Пешиќ испракајќи му бакнеж на својот играч.
„Многу сум емотивен кога станува збор за него, она што се случи е катастрофа за нас, не би го посакал никому. Можевме да го изгубиме, но не се случи тоа. Се разбира, секој ден играш натпревари, се подготвуваш, но тој е прекрасно момче и сите велиме – како можеше да му се случи ова? Имавме голема среќа што професорот Радовановиќ е одличен и искусен доктор. Не знам што ќе се случеше да не беше тука“, рече Пешиќ на прес-конференцијата.