Одбојкарите денеска против Чешка: Со победа да тргнеме за Бари

320

Историското Европско првенство за Македонија денеска завршува, но само во Скопје. Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски уште во првите два меча со победите над Данска и Црна Гора го исполнија планот, пат во осминафинале, па по поразите од Полска и Холандија, сега остана само да се обидат да го надминат „просекот“ од две победи на ЕП и да дојдат до трет успех, кој ќе значи и најдобар пласман на нашиот одбојкарски тим во групна фаза на едно континентално првенство.

Последниот ривал Чешка е репрезентација со подобар ЦЕВ рејтинг, состав од квалитетни одбојкари кои ќе ја задржат улогата на фаворити на денешниот меч. И тие како и ние, ја посакуваат таа трета победа за да ја избегнат Италија во осминафиналето, па директната пресметка вечерва во „Борис Трајковски“ ќе одлучува за конечните позиции на табелата. Миленкоски и момците се свесни за новиот предизвик, но јасно е дека плановите не излегоа како што очекувавме, по вчерашната повреда на капитенот Никола Ѓорѓиев кој не настапи на дуелот со Холандија, а голем знак прашалник е и неговиот настап против Чешка.

Со Никола во тимот, Македонија е друга селекција. Тоа му е јасно на секого кој ја следи одбојката барем малку. Оттука денеска ќе биде исклучително важно да почекаме до стартот на мечот и да видиме дали Ѓорѓиев ќе има сили за настап. Но, и доколку тој не е во првиот состав, останатите наши одбојкари јасно ставија дознаење дека ќе се борат за секој поен во секој сет и со помош на публиката ќе се обидат да дојдат до победа за трето место.

Против Чесите досега имаме четири меѓусебни пресметки и сите четири сме ги загубиле. Имаме освоено само еден сет, што е знак за нивна тотална доминација во меѓусебните дуели, но со оглед на нашиот терен и мотивацијата која ја имаме како за крај на групата, да се надеваме дека денеска ќе направиме „сефте“.

Дуелот почнува од 20 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а како предигра на оваа пресметка од 17 часот следува и дуелот меѓу Полска и Црна Гора. Судии на мечот меѓу Македонија и Чешка ќе бидат Фереира од Португалија и Шикањиќ од Лихтенштајн.

ПретходноТрајковски: Би сакал да не потценат, но овој пат нема да биде исто како во Палермо
СледноНа враќање од Мундобаскетот починал физиотeрапевтот на Доминиканската република