Во Скопје се спушта завесата, Европското првенство и сите главни случувања се селат во Бари. А дел од овој осминафинален спектакл ќе биде и Македонија. Нашите момци ја исполнија целта, ги победија Данска и Црна Гора и заверија место меѓу најдобрите 16 репрезентации во Европа.
Времето за одмор е кратко, Јошко Миленковски и неговите избраници вечерва ќе се пакуваат, а веќе утре во 10 часот ќе заминат за Бари. Одбојкарите ќе бидат во ист чартер лет со европскиот крем, со репрезентациите на Полска, Холандија и Чешка.
Засега не е потврдено, но се чини дека дуелот со светскиот и европски првак ќе се игра во недела. Официјална потврда ќе има најдоцна до утре.