Третата победа остана само желба: Чешка ја потврди разликата во квалитет

103

Ниту враќањето на Никола Ѓорѓиев по повредата на грбот, не и помогна на нашата одбојкарска репрезентација да извојува трета историска победа во групната фаза на едно Европско првенство. Во последниот меч од групата „Ц“ во Скопје, Македонија убедливо е поразена од селекцијата на Чешка и на крајот како четврта ќе патува на осминафинален дуел со Италија во Бари. Она што не красеше во првите натпревари, вечерва го немаше. Лошиот прием, лошо поставениот блок и многуте „испукани“ зицери во аут, Чесите ги искористија како наши подароци и на крајот како третопласирани од оваа група, одат во осминафиналната рунда.


МАКЕДОНИЈА – ЧЕШКА   0:3 (19-25, 23-25, 17-25)


По повредата на грбот, Никола Ѓорѓиев сепак се појави во првиот состав на нашата репрезентација. Тргна со смеч во аут, а Чешка брзо поведе со 0:2. Во вториот обид Ѓорѓиев го освои првиот поен за Македонија за 1:2. Чешка успеа на стартот на се одлепи на 2-3 поени разлика и да одржува предност во првата третина од сетот, па да дојде и до 5:9 за прв тајм-аут за Миленкоски. Во нашата игра не се промени ништо, па Чесите не само што ја задржаа, туку и ја зголемија разликата на 8:13 по што следуваше повторно тајм-аут за Македонија. Иако заигравме подобро на прием на сервис, Чешка успеваше да одржи солидна предност и да влезе во финишот со  водство од 15:20. Миленкоски го внесе во игра и Илиев, кој успеа да реализира два поени, но Чесите ја задржаа предноста и со 19:25 поведоа. Љафтов со 6 поени беше најдобар реализатор во првиот сет кај нашата репрезентација, додека Шотола реализираше 7 поени за Чешка.

Вториот сет за нас тргна за нијанса подобро. Имавме поен-за поен, се додека не направивме неколку грешки и Чешка повторно се одлепи на три поени предност (4:7). Публиката се разбуди, а и ние почнавме да играме многу подобро, па се вративме комплетно во игра со израмнување на 10:10. Чесите искористија неколку добри смечеви и еден блок и успеаја повторно да поведат, 12:15, па Миленкоски повика одмор. Чесите останаа смирени, со одлична организација на напад на единечен блок и дојдоа до голема предност во финишот, 16:20.  На сервис на Љафтов успеавме да намалиме на два поени (19:21), па чешкиот селектор побара тајм-аут. Сетот влезе во неизвесна завршница, но гостите дојдоа до прва сет-топка со 22:24. Ние се обранивме со поен на Маџунков, но иако успеавме да добиеме и напад за израмнување, Ѓорѓиев беше запрен на блок за 23:25 и предност на Чешка од 0:2. Никола Ѓорѓиев реализираше 6, а Љафтов 5 поени за нас во овој сет, додека за Чешка, Вашина имаше извонреден сет со 10 поени.

И во третиот сет Чесите почнаа подобро. Поведоа со 3:5, па ние моравме да ја бркаме разликата. За среќа брзо влеговме во егал (8:8). Сепак, место да продолжиме во тој ритам, ние направивме многу почетнички грешки и на прием и во напад, а тоа не чинеше повторно поголема негатива, 10:14. Откако се одлепија, Чесите мудро ја чуваа предноста, а ние во ниту еден момент не успеавме да се приближиме резултатски. На крајот Чешка со високи 17:25.

ПретходноМурињо: Ќе ме суспендираат десет меча ако кажам што мислам
СледноШаби: Благодарам Македонијо! Навистина е преубаво да се игра пред ваква публика!