Одбојкарите синоќа пристигнаа во Бари, а веќе денеска почнуваат со тренинзи и подготовка за историското осминафинале на едно Европско првенство. Македонија се најде меѓу осминафиналистите по двете изборени победи во групата „Ц“ во Скопје, што е историски успех за нас во третото учество на континенталните првенства.
„Се уште сме навистина возбудени со пласманот во елиминациската фаза на Европското првенство. За нас секако е успех, пласманот меѓу најдобрите 16 во Европа. Сега не чека осминафиналето со Италија која е една од најдобрите светски селекции. Го чекаме мечот со нетрпение, затоа што овој натпревар треба да биде круна на нашите репрезентативни кариери. Не може којзнае што да очекуваме од мечот со Италија кој е и најголемиот фаворит за освојување на европската титула. Но, и нема што да загубиме. Затоа наше е да излеземе на терен, мотивацијата да биде на највисоко ниво кога се игра против еден ваков противник и да уживаме во мечот“, изјави по пристигнувањето во Бари, еден од нашите најискусни одбојкари, примачот Владо Милев.