Одбојкарските репрезентации на Романија и Франција се првите четвртфиналисти на Европското првенство. Вечерва во Варна, Бугарија, во првите две осминафинални средби, одбојкарите на Романија остварија историски пласман во 1/4-финалето, откако тимот предводен од селекторот Сергиу Станчу исклучително тешко во драматичен меч ја победи Хрватска со 3:2 (25:17, 25:20, 17:25, 26:28, 15:12).
Романија се пласираше во Топ 8 на континенталниот шампионатот првпат по 40 години и во четвртфиналето ќе се сретне со супер-фаворитот Франција, која во вториот меч вечерва ја „збриша“ Бугарија на жешкиот терен во Варна со 3:0 (25:21, 25:21, 25:15). Олимписките шампиони беа големи фаворити и пред натпреварот, а избраниците на Пламен Костадинов не успеаја во ниту еден момент да им се заканат. Францускиот тим предводен од легендарниот италијански одбојкар, сега нивни селектор, Андреа Џани, ќе бидат големи фаворити и во четвртфиналето со Романија.
Останатите дуели од осминафиналето се играат во следните два дена. Македонија утре во историското осминафинале од 18 часот се среќава со Италија во Бари.
ОСМИНАФИНАЛЕ:
Романија – Хрватска 3:2 (25:17, 25:20, 17:25, 26:28, 15:12)
Франција – Бугарија 3:0 (25:21, 25:21, 25:15)
9 СЕПТЕМВРИ (САБОТА)
17.30 Словенија – Турција
18.00 Италија – Македонија
20.30 Португалија – Украина
21.00 Холандија – Германија
10 СЕПТЕМВРИ (НЕДЕЛА)
18.00 Србија – Чешка
21.00 Полска – Белгија