Луис Рубиалес повеќе не е претседател на Шпанската фудбалска федерација. 46-годишниот досегашен прв човек на шпанскиот фудбал предизвика голем скандал со бакнувањето на шпанската фудбалска репрезентативка Џенифер Хермосо за време на церемонијата по победата на Шпанките во финалето на Светското првенство против Англија. Таа многу дискутирана „акција“ на крајот го чинеше претседателско место.
Рубиалес во интервју за Пирс Морган потврди дека поднесува оставка.
„Не можам да продолжам со мојата работа“, изјавил.
Подоцна додал дека дошол до оваа дефинитивна одлука така што разговарал со својот татко и ги консултирал и ќерките.
„Тие знаат дека не се работи за мене“, рече тој. „Некои пријатели кои беа многу блиски со мене рекоа: „Луис, сега треба да се фокусираш на своето достоинство и да продолжиш со својот живот – ако не, веројатно ќе им наштетиш на луѓето што ги сакаш и спортот што го сакаш“.
Рубиалес веќе беше неактивен откако ФИФА отвори истрага против него.