Одбојкарската репрезентација на Словенија третпат во низа се пласираше во полуфиналето на Европското првенство. Таа во четвртфиналето во Варна, денеска ја совлада Украина со 3:1 (25:17, 31:29, 21:25, 25:23) и прва обезбеди место во битката за медалите.
Двете репрезентации веќе ги одмерија силите во групната фаза на овој шампионат, но и на тој меч Словенија славеше со идентични 3:1. Во воведниот сет Словенците доминираа, но веќе од вториот сет работите станаа многу повозбудливи, откако и Украина се вмеша во битка за секој нареден сет.
Украинците и во вториот направија доста грешки, но се изборија за сет на разлика, кој Словенците со 31:29 на крајот го претворија во 2:0 за себе. Во третиот сет, Олег Плотницки и Васил Тупчи играа феноменално и намалија на 2:1 во сетови, додека во четвртиот сет, по силните сервиси на Плотницки, Украина поведе со +4 (13:9), водеше и со 22:20, но словенечките одбојкари со колективна игра поен по поен, најпрво израмнија, а потоа ја искористија првата меч-топка за 25:23 и повторно пласман во полуфинале.