Словенија со победа над Украина обезбеди полуфинале на Евроволеј 2023

87

Одбојкарската репрезентација на Словенија третпат во низа се пласираше во полуфиналето на Европското првенство. Таа во четвртфиналето во Варна, денеска ја совлада Украина со 3:1 (25:17, 31:29, 21:25, 25:23) и прва обезбеди место во битката за медалите.

Двете репрезентации веќе ги одмерија силите во групната фаза на овој шампионат, но и на тој меч Словенија славеше со идентични 3:1. Во воведниот сет Словенците доминираа, но веќе од вториот сет работите станаа многу повозбудливи, откако и Украина се вмеша во битка за секој нареден сет.

Украинците и во вториот направија доста грешки, но се изборија за сет на разлика, кој Словенците со 31:29 на крајот го претворија во 2:0 за себе. Во третиот сет, Олег Плотницки и Васил Тупчи играа феноменално и намалија на 2:1 во сетови, додека во четвртиот сет, по силните сервиси на Плотницки, Украина поведе со +4 (13:9), водеше и со 22:20, но словенечките одбојкари со колективна игра поен по поен, најпрво израмнија, а потоа ја искористија првата меч-топка за 25:23 и повторно пласман во полуфинале.

ПретходноЕнис Барди: Со ладни глави до победа!
СледноБодот со Италија ќе не искачи три места на новата ФИФА листа