СпортСпорт на Малта, Игор Д. Ивановски
Околу 10.000 наши Македонци живеат и работат на Малта а само Пертар Канзуров е фудбалер кој моментално е член на второлигашот Мгаба, но не игра поради рехабилитација по повредата на вкрстените лигаменти.
Тоа е дете од Скопје, од Автокоманта за кое и очекуванно е да ги направи фудбалските почетоци во Металург а потоа и во ФК Скопје. Офанзивниот играч за врска веќе пет години е на Малта каде е преселен со својата фамилија и од тие причини неговата фудбалска кариера продолжува на островото.
„Некако немав среќа, многу повреди и паузи кои ме спречија да направам поголема кариера во Првата лига на Малта, која е сериозна, професионална и со многу финансии. Сега паузирам поради повредата на вкрстените лигаменти и се надевам дека до крајот на сезонава ќе се вратам на терените. Тука даваат и по 10.000 евра плата за фудбалерите, има многу странци и познати имиња на тренери кои доаѓаат да работат. Далеку се од аматери, сериозно вложуваат...“, е првата слика која Канзуров ни ја пренесува за фудбалот на Малта.
Хамрун има милиони, Заури е тренер
„Како пример само првакот Хамрун има буџет од околу 4 милиони евра. Таа цифра ја нема ниту еден клуб во Македонија. Тренер е Лучано Заури кој играше со Пандев во Лацио. Најбогатиот човек на Малта е спонзор на клубот и секоја година инвестира се повеќе и повеќе.Клубовите од Малта не се топовска храна во евро-куповите и сериозно работат со младите категории. Лигата се игра на 4-5 терени од кои само тој на Хамрун и Националниот стадион се со природна трева. Репрезентациите не им се на посакуваното ниво но сериозно работат и на тоа поле“.
Добар другар со Елиф Елмас од академијата на ФФМ
Петар Канзуров има 24 години. Играше во Металург и Скопје а на Малта ги бранеше боите на Сан Гван, Терџиен а сега е во Мгаба.
„Јас сум од генерацијата на Елиф Елмас со кого бевме во академијат на ФФМ и каде не селектираше сегашниот член на УО на ФФМ, Свето Станковски. Се слушнав утрово со Елиф Елмас. Покасно и ќе се видиме затоа што јас синоќа си дојдов тука од Скопје“, ни открива Канзуров за пријателството со еден од нашите најдобри фудбалери.
Ќе ги победиме ама да внимаваме на Мбонг
„Со сето срце и душа посакувам вечева да се радуваме на трите бода на Македонија. Ќе бидам на трибините со нашите навивачи. Среќен сум што ете тука каде што живеам доаѓа мојата репрезентација за која навивам секогаш и секаде. Ова е посебен меч за сите нас од Македонија кои живееме и работиме на Малта. Фудбалерите ќе ја имаат максималната наша пшоддршка од трибините, има организирани фан зони. Но сакам да напоменам дека нема да ни биде лесно. И во Скопје на дуелот со Малта видовме дека не се аматери, дека знаат да бидат опасни. Да внимаваме на Мбонг, кој ја контролира нивната лева страна. Игра за Ла Валета, многу е брз и знае да биде незгоден. Од овој состав на Малта играв со Андреа Замит кој е млад и талентиран фудбалер за кој има интерес од клубови во Италија. Затоа велат да не се надеваме на лесна победа. Ќе биде тешко но ќе ги победиме…“, е прогнозата на Канзуров околу искодот за дуелот кој почнува вечерва од 20:45 часот.
Младиот Наков го бараат да игра за Малта
Покрај Петар Канзуров на Малта имаме и младинец кој настапува за екипата на Заббар која е во Втората лига.
„Андреј Наков е младо дете, има 19 години и за него како што разбрав има интерес да игра за младите селекции на Малта. Тој оваа година ќе настапува за сениорски тим од Втората лига“, ни открива Канзуров за другио наши деца кои играат на Малта.