Македонската репрезентација до 21. година денеска од 15:30 часот на комплескот Петар Милошевски во Скопје го игра вториот дуел од тековниот квалификациски циклус. Противникот е Холандија, втор по ред сериозен противник во оваа кампања откако во првиот дуел се соочивме со Шведска, и таа мисија ја одработивме совршено. Донесовме од Јончепинг три големи бода, кои треба сега да се потврдат и на домашен терен.
Дека ќе биде лесно, секако дека нема да биде, а тоа во нашиот У21 табор секако дека најдоро го знаат. Мечот против Шведска не исцрпи, противникот физички фантастично подготвен, но ние лавовски се изборивме за триумф. Сега, нов предизвик во екстра квалитетната Холандија која што во Скопје доаѓа со 17 нови репрезентативци за оваа кампања, а единаесет од нив дебитирале во оваа категорија во националниот дрес на првиот дуел од овие квалификации против Молдавија. Тој меч е добиен со 3:0 па противникот во Скопје доаѓа со ист број на бодови и скор како и Македонија.
Подготвени сме за предизвикот
Оваа генерација во игрите и резултатите на стартот покажува дека има капацитет да се носи со секој противник. Тоа ни влева надеж дека оваа кампања може да биде и тоа како успешна и да го повроти успехот на онаа златна наша генерација од 2017 година кога во квалификационата група бевме први и кога изборивме пласман на Европското во Полска.
„Тоа е нормално да се има таков став на стартот на секои квалификации. Наше е да се бориме на секој меч, да одиме на победа и да се надеваме на поволен развој на настаните. Одиме меч по меч, и свесни сме што јавноста очекува од нас. Тоа ни дава мотив уште повеќе на терен да дадеме се од себе и да донесеме уште една радост. Холандија е сериозно квалитетен противник но ние покажавме во Шведска дека можеме да одиграме на резултат и со голема борба да стигнеме до посакуваната цел“ – велат младите репрезентативци за Спортспорт.
Досега еднаш сме се сретнале во квалификациите
Што се однесува пак до историјатот и скорот кој го имаме против Холандија во оваа возрасна категорија, истиот вели дека само еднаш сме се сретнале со Холандија во иста група.
Тоа е сега веќе далечната 2008 година, а во двомечот на два пати загубивме со 1:0. Мечот во Скопје се играше на стадионот Борис Трајковски, додека пак во Холандија игравме во Најмеген.
Распоредот ни го отвора патот кон нов голем успех
Доколку избориме добар резултат денеска, на младата селекција и тоа како и се отвора патот за пласман на големото натпреварување. По Холандија за нас следуваат три меча против реално послабите противници во групата. На 17 октомври одиме во Молдавија, а потоа на 16 ноември ни пристигнува Грузија. На пролет пак на 21 март во Скопје доаѓа Гибралтар.