24-годишниот македонски одбојкарски репрезентативец, Стојан Илиев, следната сезона ќе ја мине на Кипар. Денеска потврда за трансферот на Кипар стигна од тамошниот прволигаш Енозис Анагенизи, кој го престави Илиев како едно од неколкуте нови засилувања кои тимот ги обезбеди ова лето.
Илиев беше дел од нашата репрезентација на Европското првенство и доби минутажа да го почувствува најсилното континентално натпреварување на неколку средби во Скопје, но и во осминафиналето во Бари. Илиев минатата сезона играше во екипата на Хапоел Кфар Саба во Израел, каде дојде по полусезона мината во Струмица.
За нашиот примач ова е уште едно интернационално искуство, откако веќе настапуваше и во Романија и Хрватска, како и во Грција каде ги бранеше боите на Каламата.
„Среќен сум и возбуден што дојдов на Кипар. Слушнав многу добри зборови за новиот тим и се надевам дека ќе имаме добра соработка. Подготвен сум да дадам сè за овој тим и се надевам дека можеме да ги постигнеме нашите цели за следната сезона“, изјавил Илиев по потпишувањето на договорот.