Актуелниот македонски првак денеска (18:45 часот) и официјално ја стартува својата авантура во Лигата на шампионите. После долги години, поточно 18, Пелистер се враќа на картата на европскиот крем, во Битола ќе се игра врвен ракомет.
Салата „Боро Чурлевски“ е подготвена за спектаклот, трибините ќе бидат исполнети до последното место, а фановите на Пелистер ќе приредат фешта која треба да биде ветер во грб за ракометарите, а „пекол“ за секој гостински тим.
Избраниците на двоецот Јовиќ – Шундовски имаа шанса да видат што треба, а што не треба да ги „краси“ оваа сезона. Се очекува денеска да бидат на многу подобро ниво, од она против Вардар 1961 за да можат да го исполнат својот сон, но и сонот на навивачите – победа на стартот во Лигата на шампиони.
Нема да биде лесно, за противник го имаат норвешкиот состав, кој има квалитетни и звучни имиња, во Битола дојде да го освои целиот плен. Колстад за првпат во историјата настапува во ова натпреварување.
„Емоцијата може да биде проблем, но може да ти даде и некоја посебна сила за да бидеш подобар и посмирен од противникот, да му зададеш удар и да се радуваш на крајот. Играме против супер екипа како Колстад. Норвежаните негуваат агресивен и динамичен ракомет. Гостуваат во Битола и ние ќе направиме сè да му ја отежнеме работата. Се работи за тим составен од повеќе норвешки репрезентативци, на чело со Сагосен. Тој, Род и двајцата голмани се лидери во тимот. Имаат искалена агресивна одбрана, за која со видео анализи треба добро да се спремиме да ги пробиеме. Ако сè оди по планот, имаме шанси да се надигруваме и на крајот да се радуваме. Мислам дека ова наше место ни е заслужено како шампиони на Македонија по осумнаесет години. Ние и фановите треба заедно добро да се поставиме и ќе бидеме светла точка која гордо ќе ја претстави Битола“, рече капитенот на Пелистер, Жарко Пешевски, кој од страна на норвешкиот состав беше посочен како еден од најопасните ракометари на македонскиот првак.