Во големото дерби на првото коло од новата сезона во ЕХФ Лигата на шампионите, унгарски Веспрем успеа на гостински терен да го совлада актуелниот европски првак Магдебург и да најави дека сезонава сериозно сметаат на битката за европскиот трон. Унгарците славеа со убедливи 28:33 на гостински терен, во меч во кој имаа постојано водство, а и првиот дел го завршија со плус три (18:21).
Одлично издание во победничкиот тим имаше Фабрегас со 6 гола, додека Касадо, Ремили и Маргуч постигнаа по пет. Кај домашните 6 гола постигна Дамгард.
Одличен старт имаше и Порто на нашиот Никола Митревски. Иако денеска Митревски остана во сенка на првиот голман кај Порто, Рема Маркез кој најчесто беше меѓу стативите, Порто успеа да слави со 24:23 против полскиот состав Висла Плоцк. Митревски имаше три обиди, но не успеа да реализира ниту една одбрана.
Победата на Порто ја донесоа Кристенсен и Оливеира кои завршија со по 5 гола, додека кај Висла доминираше Крајевски со 8 погодоци.