Јелена Антиќ го објави пензионирањето од кошарката

275

Една од најдобрите македонски кошаркарки низ историјата, Јелена Антиќ, со пост на социјалните мрежи го најави своето пензионирање. На 32 години, Антиќ објави крај на играчката кариера.

„Имав само 15 години кога заминав од дома, оставајќи се зад себе, за да го остварам мојот сон. Мојот кошаркарски сон. 17 години подоцна со душевен мир и насмевка на моето лице, можам да и кажам благодарам на кошарката што ми го подари светот. Свет на можности. Ти ги дадов моето срце и душа, моето тело и ум. Навистина длабока љубов. Но, последните неколку години беа исцрпувачки, физички и психички. Паднав, но станував секој пат. Еден чекор напред, два чекори назад, два чекори напред, три чекори назад… додека не се вратив на две нозе. Моето срце сè уште чука за тебе, но моето тело е подготвено да те пушти. Ти благодарам за сите добри и лоши, за насмевките и солзите, спомените и лузните. Ова не е збогум,ова е само гледање од другата страна на аут-линија“, напиша Антиќ.

Нашата кошаркарка кариерата ја почна во Младинец, за рано да се пресели во САД. По враќањето од САД најпрво настапуваше за белградски Партизан, а потоа и за Радивоје Кораќ (Србија), Макаби Ашдод (Израел), ЦСУ Алба (Романија), Лулеа Баскет (Шведска), Висла Краков како и за македонскиот тим Баскет Кам.

ПретходноЧетворица фудбалери од младинскиот тим на Реал (М) уапсени поради секс скандал
СледноВеспрем на гости го совлада европскиот шампион, Порто и Митревски славеа над Висла