Се е подготвено за новото издание на интернациналниот турнир „Драган Василов – Цевка“, кој трета година по ред ќе се одржи во чест на легендарниот кошаркарски стратег чија пасија беше работа со младите категории. Токму затоа, турнирот се однесува за генерација на кошаркари не повозврасни од 15 години, кои ќе имаат можност во силни натпревари да ги одмерат силите и да стекнат значајно кошаркарско искуство.
Организаторите се погрижија турнирот не само да биде од интернационален карактер, туку и да има силни екипи кои ќе се натпреваруваат во салата „Јане Сандански“ во Скопје, во периодот од 15 до 17 септември. Најзвучно на име на листата учесници дефинитивно е српски Партизан, а од нашиот северен сосед пристигнува и тимот на Триумф од Ниш.
Во Скопје доаѓа и повеќекратниот романски првак Клуж, потоа Перник од Бугарија, Интер од Братислава, како и црногорскиот состав „All Star“, клуб познат по врвната работа со млади категории во оваа земја. Од македонските екипи, претставници на турнирот ќе бидат екипите на МЗТ Скопје и на Вардар.
Организатор на турнирот „Драган Василов Цевка“ и оваа година е Општина Аеродром, а помагатели се КФСМ и Македонскиот Олимписки Комитет. Влезот за натпреварите на овој турнир во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде бесплатен.