Алкалоид во „очите“ на ЕХФ: Младите момци ќе летаат на крилата на победничкиот менталитет на Лазаров!

342

ЕХФ на својата официјална страница го претстави Алкалоид, дебитантот во Европската лига. Кирил Лазаров зад себе имаат сезона од соништата, ниту самите не очекуваа дека ќе се закитат со епитетот македонски вицепрвак, а со тоа и автоматски ќе се пласираат во групната фаза во ова натпреварување.

Но, токму бестрашноста, желбата за напредок и секако победничкиот менталитет кој го посекува Лазаров, а секојдневно го споделува во своите редови, Алкалоид го однесе чекор понапред. Предизвикот е прифатен, младите момци на овој тим заедно со две странски засилувања, ќе се обидат достојно да ја претстават Македонија на европски план.

Групата е тешка, Алкалоид ќе „војува“ со Силкеборг, Ла Риоха и Војводина.

„Настапот во Европската лига е ново поглавје и искуство за нас како клуб. Ќе играме против веќе добро етаблирани тимови во натпреварувањата на ЕХФ. Наша цел е да се подготвиме што подобро и да влеземе на секој натпревар со позитивни мисли, како и со победнички менталитет бидејќи ние ја претставуваме и нашата земја во Европа. Конечно, едвај чекаме да почне ова натпреварување, ќе се обидеме да се претставиме како компететивен тим кој никогаш не се предава“, рече Лазаров.

ЕХФ во продолжение посебно стави акцент на визијата како и стилот на игра, кој го негува Лазаров, не само во Алкалоид, туку и македонската ракометна репрезентација. Неговата цел е едноствна, да играат брз ракомет, главна карактеристика на тимот да биде талентот, динамичноста и енергијата.

Еден од талентите кои е посочен е Игор Ѓоргиев.

„Ние имаме големи амбиции како тим. Ќе го искористиме секој меч и ќе дадеме се од себе да се претсавиме во најдобро светло. Нашиот тренер е роден победник и легенда“, вели Ѓорѓиев и продолжува:

„Одлично работиме, а тренерот се обидува да ни го всади победничкиот менталитет, среќни сме што можеме да учиме од неговото искуство за време на тренинзите и натпреварите. Градењето на самодоверба меѓу нас е процес на кој работиме секој ден. Јас сум посебно горд што сум капитен на толку млад тим со потенцијал да расте“.

ПретходноНагелсман добил понуда да биде селектор на Германија со договор со СП 2026
СледноПолјаците во финалето на ЕП ќе мораат без повредениот капитен Курек