Црвена Звезда се интересирала за мароканскиот играч за врска Бенжамин Бушуари, клубот се договорил со Сент Етјен, но трансферот пропаднал затоа што фудбалерот не сакал да преговара за преселба во Белград.
Фудбалерот роден во 2001 година можеше да стане вториот играч кој премина од Ст.Етјен во Звезда ова лето по Жан Филип Красо, но тој имал друга желба.
„Не сакав да одам. Црвена Звезда беше заинтересирана за мене, но од самиот старт реков дека тоа не е за мене. Разговарав со Красо, но знаев дека тоа не е средина во која сакам да играм. Повеќе сакам да останам во Сент Етјен и да играм во втората лига отколку да отидам во Звезда, па дури и со можност да заиграм во Лигата на шампионите. Некако не ми беше примамливо“, изјави Бушуари.
Тој е креатор на играта во Ст.Етјен и еден од стандардните во редовите на поранешниот француски шампион.
„Би заминал само ако проектот е интересен. Инаку, нема смисол да го напуштам Ст.Етјен. Имаше и други понуди но ништо не ме интересираше. Од друга страна Ст.Етјен ми даде доверба, луѓето се одлични кон мене и знаат како играм. Напредувам овде и играм постојано. Не сакам да отидам некаде каде што ќе се изгубам или ќе завршам на клупата само за да се пофалам дека сум заминал. Потребна ми е стабилност која овде ја имам“, порача Марокенецот.