Фудбалерите на Манчестер Јунајтед денеска го претрпеа третиот пораз сезонава, втор во низа. Незадоволството, навивачите го искажаа уште во 70. Минута, кога почнаа да ги напуштаат трибините на „Олд Трафорд“ при водство на Брајтон од 3:0.
Менаџерот на „црвените ѓаволи“, Ерик тен Хаг, истакна дека неговиот тим ќе успее да се врати и по овие порази.
„Малите нешта ја направија разликата. Бевме многу блиску против многу добар тим. Во првите 20 минути бевме подобри. Создадовме шанси, но не постигнавме гол. И примивме гол од нивниот прв напад. Следуваше тежок период од натпреварот, се мачевме, постигнавме гол кој беше поништен. Секогаш е тешко во тие моменти. Не ни одеше, но ќе се држиме заедно и ќе се бориме, ќе играме како тим. Ќе се држиме до правилата и ќе се вратиме“, рече Тен Хаг.
И покрај поразот, Тен Хаг рече дека видел и нешто позитивно во играта на Манчестер денес.
„Вториот гол го примивме на почетокот на вториот дел. Втора шанса за нив и втор гол. Можете многу да научите од вакви натпревари. Ментално, мора да останете силни, но јас исто така видов добри работи. Мораме да почнеме шансите да ги претвараме во голови“, заклучи Тен Хаг.