Македонскиот првак, Пелистер одбраната на титулата во домашниот шампионат ја почнува токму против тимот кого го симна од престолот, Вардар 1961. Битолчани денеска (19:45 часот) се гости на вечниот ривал во СЦ „Јане Сандански“ во последниот меч од првото коло во Супер-лигата.
Двата тима веќе еднаш ги одмерија силите. Вардар 1961 го совлада европскиот состав на Пелистер во рамките на Супер-купот и дојде до четвртиот трофеј во ова натпреварување, покажа дека има што да каже и оваа сезона.
На другата страна битолчани се во една поинаква ситуација. По Супер-Купот дојде нов и убедлив пораз. На првата средба од Лигата на шампионите, македонскиот првак не само што беше совладан од Колстад, туку беше и целосно надигран.
Па пред следното тешко гостување во ЛШ кај Алборг, на избраниците на двоецот Јовиќ и Шундоски им е потребна победа против вечниот ривал, Вардар 1961, за да можат да се издигнат, во спротивно ќе биде вклучен алармот.
Пред оваа средба, домаќинот подготвува фешта, македонската пејачка Андријана Јанеска овој пат ќе биде задолжена да му даде убав вовед на дуелот, кој последен пат на овој терен не личеше на дерби. Имаше прекин, откако навивачите на Вардар 1961 влетаа на теренот, а ракометарите на Пелистер кршеа врата за да можат да влезат во соблекувалната.
Да се надеваме дека пресметката меѓу овие два тима сезонава ќе биде само на теренот, а не на трибините. Ракометна Македонија ќе може да ужива во дербито.