Добро им дојде двонеделната пауза и на Брегалница и на Струга ТЛ. На “сините“ по поразот од Воска во Охрид им требаше време да се “средат“, а на шампионот по напорните европски мечеви секако дека му требаше дополнителен одмор.
Но, сега е време за фудбал, па така денеска од 15 часот на Градскиот стадион во Штип силите ќе ги одмерат Брегалница и Струга ТЛ. Ова е еден од дерби мечевите на 7.коло.
Според традицијата стружани се во улогата на фаворит, последниот пат ја прегазија Брегалница среде Штип со 0:3, но сега е нешто друго.Во оваа сезона Брегалница има дома три од три. Под Исарот паѓаа Силекс, Гостивар и Брера Струмица. Тимот на Горан Здравков дома е перфектен. Ќе можат ли Бесарт и другарите да одолеат на “сините“ и да покажат зошто се шампиони.
Натпреварот предизвикува големо внимание, се очекува добра посета, а почнува од 15 часот. Главен судија во Штип ќе биде Игор Стојчевски од Скопје.