Екипата на Пелистер 2 го запиша првиот триумф во новата сезона. По поразот во минатото коло од Тиквеш, младиот битолски тим на домашен терен го совлада Скопје со убедливи 37-22.
На оваа средба која е од групата А немаше неизвесност. Домашните ракометари отворија со 4-1, водеа со 9-4, а потоа со серија од 5-0 поведоа со двоцифрени 17-7. На одморот позитивата беше 19-10. Ова беше најава за мирна завршница за Пелистер 2, кој рутински и убедливо го приврши мечот во своја корист.
Белистојановски и Трпчевски беа лидери кај победникот, запишаа по шест гола, пет имаше Митревски. Кај гостите Митиќ беше стрелец на пет гола.