По фантастично возбудливата прва вечер од новата сезона на Лигата на шампионите, денеска не чека уште едно продолжение со нови 8 меча во првиот сегмнент од групите во најсилното европско натпреварување. Вечерната рунда се отвора со два меча од 18:45, додека преостатите шест ќе се одиграат во вечерниот термин од 21 часот.
Меѓу сите денешни дуели се издвојуваат неколку пресметки. Прва, секако на листата е пресметката меѓу Баерн Минхен и Манчестер Јунајтед, дуел кој ќе биде своевидно дерби на групата „А“. И по ждрепката, овој натпревар беше наведен како еден од оние кои ќе предизвикаат најголем интерес. „Црвените ѓаволи“ се во криза поради лошата игра и неубедливите резултати, додека Баварците се на врвот во Бундеслигата со три победи во четири кола.
Во вториот меч од оваа група се среќаваат турскиот шампион Галатасарај и ФК Копенхаген. Двете селекции се амбициозни да се обидат да елиминираат некој од фаворитите во групата, па за нив е исклучително важно како ќе стартуваат денеска.
Арсенал се враќа во турнирот на богатите со меч против ПСВ Ајндховен на „Емирати“. Лондончани се инспирирани да покажат дека ја враќаат европската слава, што ги обврзува да се најдат во нокаут-фазата по пресметките и со Севиља и Ленс, кои вечерва ќе го одиграат вториот меч од оваа група „Б“.
Повеќекратниот шампион и освојувач на Лигата на шампионите, Реал Мадрид, ја започнува својата нова сезона во натпреварувањето со меч дома против германскиот дебитант Унион (Берлин). Тоа е и еден од двата рани натпревари на денешната програма. „Кралевите“ доминираат во Примера, но и германскиот тим влегува во форма, постигнувајќи осум гола на последните два натпревари.
Италијанскиот шампион Наполи е втор фаворит во групата Ц. Наполитанците вечерва тргнуваат на гости кај Брага во Португалија.
Последните два меча се играат во групата „Д“ каде финалистите од минатата сезона, Интер, како прва пречка пред себе го имаат шпански Реал Сосиедад, додека во вториот меч се среќаваат шампионите на Португалија и Австрија – Бенфика и РБ Салцбург.