По најавата за укинување на Ваучер-системот преку кој функционираше целокупниот македонски спорт во последните години денеска со соопштение се огласија од Агенцијата за млади и спорт. Во истото се вели дека спортските ваучери не се укинуваат, туку се менува единствено начинот на реализација на истите.
Според АМС, како што било претходно најавено, државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти кои ќе имаат право на спортски ваучер.
„Агенцијата за млади и спорт во врска со измените во Законот за данок на добивка кој се однесуваат на даночно ослободување за националните спортски федерации, спортски клубови и активните спортисти, ве известува дека со овие измени не се укинуваат спортските ваучери, туку се менува единствено начинот на реализација на спортските ваучери, и како што беше претходно најавено, државата директно ќе ги исплаќа средствата на спортските субјекти кои ќе имаат право на спортски ваучер. Агенцијата за млади и спорт во координација со Министерството за правда, го имаат подготвено новото предлог законско решение со кои ќе се уреди новиот начин на реализација на спортскот ваучер и истиот е во фаза на усогласување со надлежните институции за да се овозможи отпочнување на собраниска процедура за новите предлог законски измени. Поддршката во спортот со спортскиот ваучер ќе продолжи, оваа мерка со новиот начин ќе се унапреди, и сите кои имаа потешкотии од било кои причини при реализација на спортскиот ваучер, тој проблем веќе ќе го немаат. Злоупотребите од нечесните компании кои бараа услуги за реализација на спортскиот ваучер, ќе престанат и сите средства ќе се користат за унапредување на спортот и за потребите на спортистите“, се вели во соопштението на Агенција за млади и спорт.