Каков меч од второто коло во Лигата на шампиони. Порто губеше девет гола на гости кај Целје, но магично се издигна, со серија од 10-1 во второто полувреме успеа да дојде до победа од 29-30. Македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски имаше важна улога во кам-бекот, а потоа и победата на својот тим, запиша четири одбрани, сите во вистинско време. Тој влезе кон средината на второто полувреме.
За португалскиот тим ова е втора победа во групата Б, на другата страна Целје долго време ќе жали што не успеа да дојде до првиот триумф.
Целје многу брзо го наметна своето темпо, па дури и неочекувано. Поведе со 5-2, па со серија од 6-0 дојде на 11-4. На другата страна португалскиот тим изгледаше немоќно, немаше решение во одбраната, ниту пак нападот функционираше, па домаќинот ја казнуваше секоја грешка на противникот. Во првото полувреме Целје на двапати имаше плус осум (14-6 и 15-7), на одморот беше 16-9.
Се чинеше дека мечот е завршен, особено ако се земе во предвид дека домаќинот водеше и со 21-12.
Но, Порто се издигна од дното, Митревски влезе во периодот кога неговиот тим полека почна да ја топи позитивата на противникот, запиша три одбрани, а неговите соиграчи со серија од 10-1 дојдоа до првото водство на мечот, во 53 минута беше 26-27.
Целје нешто повеќе од десет минути беше без постигнат гол, оваа серија ја прекина Јанц со два гола за 28-27. Дуелот влезе во неизвесна завршница. Митревски имаше уште една важна одбрана, а Итуриза со два гола го врати водството на 29-30. На другата страна Целје имаше напад за реми, не го искористи. Останува да жали за оваа пропуштена шанса.
На втората средба од истата група, Гог славеше на гости кај Висла со 26-30 и исто дојде до скор од две победи во исто толку одиграни меча.