Фудбалскиот шампионат на Кипар е прекинат. Судиите стапија во штрајк откако беше запален автомобилот на мајката на судијата Менелаос Антониу.
Антониу судеше на натпревар меѓу Арис Лимасол и Пафос ден пред да се случи инцидентот. Ова е втор ваков случај во последните три години во кои се вклучени судии или членови на нивните најтесни семејства.
Фудбалот на Кипар беше суспендиран една недела во 2020 година, кога беше поставена бомба во автомобил на еден судија. Во јуни годинава беше фрлена бомба и пред седиштето на Здружението на кипарските судии.
„Фудбалскиот сојуз доби писмо од судиите во кое се вели дека ваквата одлука ја донеле поради континуираните напади на кои се изложени тие и нивните семејства, како и поради тоа што ниту еден случај не е разрешен од надлежните органи. Кипарскиот фудбалски сојуз е длабоко загрижен поради повторените злонамерни дела и терор врз нашите судии. Нашата поддршка за судиите и нивните семејства е несомнена и се надеваме дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата преку полициски истраги“, се вели во соопштението на Федерацијата.