Почина доајенот на македонското спортско новинарство Александар Стиков

758

Македонија остана без голем спортски работник, затоа што почина доајенот на македонското спортско новинарство Александар Стиков

Александар Стиков е роден во 1947 година, а целиот свој работен век го помина во Македонското радио како новинар, репортер и уредник на спортската програма. Со својот препознатлив глас ги овековечи најважните спортски настани во македонската и југословенската спортска историја, и со преку 2.000 преноси е новинарот со најмногу изговорени минути на програмата на македонското радио.

Стиков беше последниот претседател на здружението на спортски новинари на Југославија и еден од основачите на Македонскиот олимписки комитет. Добитник е на бројни награди и признанија, вклучувајќи го и престижниот Трофеј за спорт и медиуми од Меѓународниот Oлимписки Kомитет во 2004 година.

Како уредник на Спортската програма на Македонското радио создаде плејада новинари и репортери. Во 1969 година ја основа најдолговечната специјализирана спортска програма Спорт, музика, спорт и известуваше од седум Олимпијади и голем број Eвропски и Светски првенства.

Погребот на посмртните останки ќе биде во петок (22 септември 2023 година) во 11:00 на градските гробишта Бутел во Скопје (капела во 10:00), а комеморативната седница во понеделник (25 септември 2023 година) во 11:00 во просториите на Македонската радио-телевизија.

ПретходноМакедонија две места подобра на ФИФА ранг листата
СледноСудии за ПМФЛ: Стојанов “главен“ на Вардар – Гостивар, Младеновски ќе суди во Кавадарци!