Утре во СРЦ „Кале“ ќе се одржи Супер-купот на Македонија кој го носи името на легендарниот Драган Василов-Цевка.
Први на теренот ќе истрчаат дамите, во битката за овој трофеј ќе се соочат Баскет Кам и МЗТ Скопје (17 часот), додека два и пол часа подоцна во машка конкуренција ќе се сретнат МЗТ Скопје и Феникс.
Од КФСМ, кој е организатор на ова натпреварување известија дека влезот во салата за двата меча ќе биде бесплатен.
„Македонската кошаркарска федерација уште еднаш ќе им излезе в пресрет на сите љубители на кошаркарскиот спорт.
За натпреварите од новото издание на Суперкупот „Драган Василов-Цевка“ во кои ќе се сретнат најдобрите екипи од минатата натпреварувачка сезона, а ќе се играат на 23. септември (сабота) во Спортско рекреативниот центар „Кале“ во Скопје, влезот ќе биде СЛОБОДЕН.
Како и во изминатите две години, предвидено е да се играат натпревари во женска и во машка конкуренција.
Во првиот натпревар, од 17.часот, ќе се сретнат актуелниот шампион, екипата на Баскет Кам 2011 и освојувачот на Купот, екипата на МЗТ Скопје Аеродром.
Натпреварот во машка конкуренција, во кој ќе играат државниот првак, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, и финалистот во националниот Куп, екипата на Феникс 2010, ќе стартува од 19.30 часот“, се вели во информацијата на КФСМ.
Двата натпревари ќе бидат директно пренесувани на МРТ 3.