Супер-Куп трофејот останува во Аеродром: МЗТ Скопје со еден „удар“ го реши Феникс (ФОТО)

151

Супер-Куп трофејот кој го носи името на легендарниот „Драган Василов – Цевка“ и оваа година останува во Аеродром. Актуелниот македонски првак ја оправда фаворитската улога против Феникс, славеше со 76-54 и го освои шестиот трофеј во ова натпреварување. Во периодот од 2015 до 2023 се одржаа пет Супер-Куп меча, а сите им припаднаа на „сино-белите“.

Војдан Стојановски со 13 поени беше прв стрелец, зад него беа Расел со 12, по осум поени имаа Дамјан Стојановски, Вокру и Танасковиќ. На другата страна Шакур имаше 18 поени.

Првото полувреме понуди поинтересна пресметка во која МЗТ Скопје имаше водство од пет поени (12-7 и 15-10), но и противникот имаше сили да биде рамноправен во овој дуел. Феникс во втората четвртина се носеше со актуелниот првак, но некаде пред крајот на овој период го загуби здивот, а такво нешто не е дозволиво кога се игра со еден тим како што е МЗТ Скопје.

Тимот од Аеродром со серија од 25-2 (почна во 18. минута) дојде на највисоки 50-31 во 25. минута. Кошаркарите на Феникс немаа сили за темпото на „сино-белите“, ниту доволно играчи за ротација. Војдан, Дамјан и Крстевски беше триото кое го повлече МЗТ Скопје кон убедливото водството, тројката најави дека и оваа сезона ќе биде клучна за многу победи, но пребродени тешки моменти.

Пред истекот на третата четвртина на семафорот стоеше 60-39 во корист на фаворитот. Време за пресврт имаше, но Феникс немаше играчи кои барем на момент ќе го измачат МЗТ Скопје. На крајот беше јасно дека овој дуел ќе оди во еден правец, а двата тима пред стартот на сезоната ќе имаат шанса да се поправат и да бидат уште подобри.

ПретходноТрајковски со победа дебитираше за Хајдук
СледноБарселона ќе остане без Де Јонг за „Ел Класико“?