Вчерашниот дуел од Втората фудбалска лига на Македонија меѓу Башкими и Каменица САСА кој заврши нерешено (2-2) имаше неславен финиш. Имено, во 89. минута од мечот еден навивач на домашната екипа од Куманово влезе во терен и прво со шише вода го поли играчот на Каменица Саса, а потоа и го турна, па се струполи на земја.
Во продолжение следеа мачни и тешки сцени, па финишот на мечот се издолжи. Во целата гужва,наместо напреварот да биде прекинат и службена победа на гостите, единствено еден од фудбалерите на Башкими заработи црвен картон. Гостинските играчи, загрижени за својата безбедност на теренот, одбиваа да го продолжат мечот, но делегатот Добре Марков и главниот судија Миле Лазов им наложија да се вратат и да го довршат.
За волја на вистината, сите предуслови за прекин на мечот беа исполнети. Влез на неслужбени лица во терен и физички напад, но останува да видиме зошто мечот не беше прекинат.