Уште една победа за „Летечкиот Холанѓанец“. Макс Верстапен триумфираше на трката за ГН на Јапонија на популарната „Сузука“ и со тоа си ја запиша 13-тата победа сезонава во Формула 1 шампионатот, а неговата победа значеше и титула за неговиот тим Ред Бул Рејсинг во категоријата на конструктори и покрај тоа што до крајот има уште шест трки.
Верстапен имаше лесно возење и „лесна“ победа на јапонското ГП затоа што немаше проблеми и имаше целосна контрола на случувањата на патеката. Тој беше нападнат од Ландо Норис уште во првиот круг, но добро му парираше и не дозволи да биде претекнат.
„Прекрасен викенд за нас. Ја освоивме титулата кај контрукторите. Болидот беше на врвно ниво на сите трки. Горд сум поради тоа. Имавме мали непријатности на почетокот на трката, меѓутоа натаму се беше перфектно“, вели Верстапен.
Па така Норис остана втор со 19,3 секунди послабо време од победникот. Трет заврши возачот на Мекларен, Оскар Пиастри на кого ова му е прв подиум во Формула 1. Австралиецот стартуваше втор и на крајот заврши на третата позиција.
„Тимот добро ја одработи задачата. Имав прекрасен старт, но Макс е Макс и немав шанса да го претекнам во финишот. Всушност не бевме ни блиску до него . Се обидовме да му се приближиме но не беше возможно“, изјави Норис.
Топ 5 ги пополнија Шарл Леклер кој заврши четврти и зад него се пласира Луис Хамилтон. Карлос Сајнц е шести, а Џорџ Расел седми…
Следната трка во Формула 1 е во катарското ГП на кое Верстапен има шанса да ја одбрани шампионската титула.