Се чини дека Шкупи погоди со изборот на нов тренер по заминувањето на Чихат Арслан. Донесен беше Младен Жижовиќ од БИХ, кој со тимот од Чаир има две победи на двата свои први меча во првенството и еден во Купот. Значи вкупно три победи на трите средби. Денеска беше совладана и Воска со 3:2 и тоа во Охрид.
По мечот стратегот на Шкупи истакна:
“Важна победа за нас денеска во Охрид.Посебно ако се знае дека уште во 11.секунда бевме во резултатски минус. Оваа победа добро ни доаѓа за зголемување на самодовербата пред неделното големо дерби со Струга ТЛ на Чаир. Генерално сум задоволен, ама мислам дека на 1:3 моравме порано да го завршиме мечот. Сепак и вака е добра, победа и нови три бода, тоа е најважно“ рече покрај другото стратегот на Шкупи.