По двата стартни и убедливи порази, ракометарите на Е. Пелистер в среда имаат обврска и пред навивачите и пред јавноста да го потврдат своето место и реноме во европските натпреварувања. Во очекување на дуелот во Битола со гигантот Кил, Урош Борозан вели дека мечот мора да го почнат со поголем почит кон ривалот.
„Кил е секогаш Кил, но не треба да влеземе во натпреварот со преголемо почитување. Тие се светска екипа и освојуваа многу титули и треба да се бориме до крај и да се обидеме да извлечеме добар резултат, ако тоа е возможно. Пред домашната публика, која е меѓу најдобрите во светот, можеме да парираме и да се бориме до крајот. Кил игра на многу контри и полуконтри, но ќе се обидеме да ги лимитираме и да возвратиме. Веруваме дека можеме да се наметнеме. Кил има промени за разлика од ростерот минатата сезона, ќе се погрижиме да уживаме и да одиграме најдобро што можеме. Не беше убаво да се загубат натпреварите и против Вардар 1961 и во Лигата на шампионите. Знаеме каде грешевме и верувам дека ќе се поправиме. Добро ни дојдоа победите во Суперлигата, растеме како тим и желно го чекаме натпреварот против Кил“.
Младиот Цветан Кузманоски, вели дека само со борбена игра може да се очекува добар настап.
„Сите знаеме каква екипа е Кил. Гледавме видео материјали, се обидовме да ги анализираме, а имаме и уште два тренинзи за да се подготвиме. Се надеваме на добра и борбена игра, без голем респект кон нив, иако имаат ракометари од светски рамки. Верувам дека ќе дадеме максимум и тоа ќе ни донесе добар резултат. Добро отворивме против Алборг, но веројатно од неискуство дозволивме лесни голови и огромно заостанување. Имавме избрзани шутеви, пад на концентрација и сигурно неискуство, па Алборг дојде до убедлива победа. Кил е исто така нова екипа, сепак е септември и поразите во Бундеслигата се вообичани“.