ШК Алкалоид одигра нерешено (2:2) со првата селекција на Англија во дуелот од 6. коло, иако екипата предводена од ВМ Мајкл Адамс е второрангирана (категорија над 50 години) на Светското сениорско екипно првенство што се одигрува во Струга.
Ова е втор нерешен резултат за ШК Алкалоид по мечот со прворангираната екипа, селекцијата на САД, кој се играше во 3. коло. Во согласност со правилата, на Светското првенство имаат право да учествуваат државни репрезентации, но и клубови, па затоа резултатите на екипата на ШК Алкалоид се уште позначајни ако се има предвид дека клубот се натпреварува во конкуренција со државните репрезентации на шаховските велесили.
Мечевите во кои нашите шахисти ги имаа белите фигури беа бурни и донесоа променлив исход на крајот. На третата табла ВМ Звонко Станојоски во каро-кан отворање долго се обидуваше да го скрши отпорот на противникот, одигра неколку непрецизни потези и дојде во нејасна, но слаба позиција. Неговиот противник не успеа да го најде правилниот пат до победата, по што настана комплицирана позиција, која Станојоски, со ефектна жртва на дамата, ја реализираше. ВМ Кирил Георгиев (актуелен рејтинг: 2542) на првата табла со бели фигури се соочи со најсилниот играч на турнирот, англискиот велемајстор Мајкл Адамс (актуелен рејтинг: 2662). Во средишницата Георгиев одигра непрецизно, по што најпознатиот англиски велемајстор се стекна со пешак повеќе. Предноста беше мала, но Адамс искусно, по долга борба, успеа да ја претвори во цел поен.
На втората и на четвртата табла со црни фигури ВМ Влатко Богдановски и ВМ Роландо Кутиров немаа никакви проблеми, одиграа солидно и се здобија со попријатни позиции, но нивните противници играа без поголема амбиција за победа, па партиите завршија со делба на поенот.
– Ова е голем предизвик за нас, за целата наша генерација. Поради фокусот спрема младите се специјализиравме како тренери и оваа промена значи мобилизација, активирање и враќање во тренажен процес. Ние не сме надвор од актуелниот шах бидејќи, подготвувајќи ги другите, сме во тек со модерните придобивки. Сега сме дури и позапознаени и ги изучувавме најновите методи на професионалниот тренинг за разлика од времето кога игравме ние. Сопствениот репертоар ми беше надвор од фокусот. Изминативе 4-5 месеци повторно работев и сметам дека ако пред неколку децении соодносот на талентот наспроти работата бил еднаков, сега учеството на вложениот труд е многу поголемо, би рекол најмалку 75 %. Следува завршнот чин, па да видиме колку ќе бидеме резултатски ефикасни – оцени ВМ Влатко Богдановски.
– Во следното, седмото коло играме со Исланд и тоа ќе биде уште еден директен дуел со екипа која атакува на една од првите три позиции на овој турнир. Веќе игравме со САД, со Англија и со Италија, кои беа подобро рангирани од нас, но Исланд е петта екипа според рејтингот и е веднаш зад нас на таа листа. Лично сметам дека потешките противници ги поминавме, но Исланд е солидна екипа и овој меч би требало да биде своевидна разрешница дали ќе ни појде од рака да влеземе во борбата за медали. Интимно не се плашам бидејќи во минатото, како на клупско така и на репрезентативно ниво, во мечевите со претставниците на Исланд сме имале добри резултати – изјави капитенот на ШК Алкалоид, ВМ Драган Јаќимовиќ.
Селекцијата на САД се зацврсти на првото место со победата над Исланд од 2,5 : 1,5 и сега има 11 бода, а во 7. коло ќе игра со Италија, која е второпласирана со 10 бода. Третопласираниот Исланд има 9 бода и во следното коло игра со Алкалоид, кој го дели четвртото место со 8 бода.
Од другите мечеви на турнирот треба да се одбележат нерешените резултати на репрезентацијата на слепи и слабовидни шахисти, која одигра 2 : 2 со Финска во категоријата над 50 години, како и на македонската селекција на ветерани над 65 години, која одигра 2 : 2 со репрезентацијата на Холандија.
Фото: Архива на ШК Алкалоид