Соиграчите на Џејдон Санчо во Манчестер Ј. разговарале со младиот фудбалер и му посочиле дека најдобро е да му се извини на Ерик тен Хаг за да се врати во тимот.
Крилниот напаѓач го пропушти натпреварот од 4. коло во Премиер лигата со Арсенал на 3 септември по што Ерик тен Хаг изјави дека 23-годишниот Англичанец не го импресионирал на тренинзите. Санчо на социјалните мрежи објави дека не е во тимот затоа што долго време е „жртвено јагне“. По овој негов „излет“, следуваше суспензија.
Според ESPN, соиграчите на Санчо, предводени од Маркус Рашфорд, Лук Шо и Хари Мегваер, се обиделе да ја решат ситуацијата, советувајќи го Санчо да му се извини на главниот тренер за да ја спаси кариерата во Јунајтед.
Санчо доби забрана за влез во сите простории на првиот тим, вклучувајќи ги и соблекувалните и мензата. Тој тренира индивидуално на терените на академијата на клубот и скоро да нема интеракција со сите соиграчи.