Дамјан и Атанасов: Целта се титулите на домашна сцена и враќање во АБА-лига

146

Ден по промоцијата на новиот спонзор, МТЕЛ, МЗТ Скопје закажа нова средба со новинарите на која покрај директорот, Филип Ѓорески, беа присутни тренерот Васко Атанасов и капитенот, Дамјан Стојановски.

Актуелниот бранител на титулата пред стартот на новата сезона ги изнесе своите очекувања. Тимот од Аеродром освои еден пехар (Супер-Купот), а најави атак на останати два (шампионскиот и Купот на Македонија).

„Добри ги поминавме подготовките пред стартот на сезоната. Го освоивме Супер-купот, покажавме дека имаме квалитет. Наша цел е повторно освојување на титулите на домашна сцена како и враќање во АБА 1 лигата каде верувам дека треба постојано да бидеме дел од ова регионално натпреварување“, истакна капитенот Дамјан Стојановски.

Васко Атанасов е задоволен од она што го има на располагање како ростер. И тој како и капитенот најави атак на сите пехари.

„Сезоната ја започнавме минатиот викенд со освојување на пехарот во Супер-Купот. Добро е што го сочувавме костурот на тимот од минатата сезона, засилен со четворица странци и неколку квалитетни домашни играчи.Линчно, како тренер сум задоволен од начинот на кој ги одработивме подготовките и контролните натпревари. Го имаме составот кој го посакуваме. МЗт Скопје како најголем клуб во Македонија има една и единствена цел – да ги освоите сите трофеи во натпреварувањата во кои учествува“, рече младиот стратег.

МЗТ Скопје новата сезона ја почнува на гости кај Кожув, мечот се игра во сабота.

ПретходноСтрашно: Ограбен домот на Серхио Рамос додека децата биле дома!
СледноНов фаворит за местото на Анчелоти во Реал Мадрид