Денеска е ден за Езерско дерби, ден за прволигашка битка меѓу градовите Охрид и Струга, за првпат во историјата на ПМФЛ. Никогаш досега, барем на официјални мечеви во ПМФЛ, силите не ги одмериле клубови од Охрид и Струга. Тоа ќе се случи денеска од 15 часот на СРЦ“ Билјанини Извори“ во заостанатиот меч од 4.коло во кој се среќаваат Воска Спорт и Струга Трим Лум. Ова ќе биде нивни прв официјален меѓусебен меч, досега одиграле само пријателски.
Секако дека гостите од Струга се фаворити, тимот на Струга ТЛ е шампион, има подобра екипа, победничката серија трае веќе три меча, паднаа по ред Тиквеш, Брегалница и Работнички. Со евентуалните три бода тимот на Шпетим Дуро ќе има 15 и ќе се најде на второто место на табелата, но со уште два меча помалку од Шкупи и еден од Шкендија, оној што треба да го играат меѓусебе.
Токму затоа овој денешен дуел со Воска мора да се добие за да Струга ТЛ дојде во позиција повторно и тоа како да се прашува во битката за титулата.
Сепак нема да биде лесно. Воска Спорт и во неделата против Шкупи покажа дека е тежок ривал за сите екипи во ПМФЛ,посебно кога игра дома.
И двете екипи се екстра мотивирани, ова е меч кој многу значи и ова е меч кој биде мотив за сите фанови во овие два града покрај езерото да дојдат и да го бодрат својот тим.