Во Шпанија не стивнуваат шпекулациите околу можниот нов тренер на Реал Мадрид од следното лето. Последните денови како апсолутен фаворит се споменуваше името на Чаби Алонсо, кој одлично се претставува на чело на Баер Леверкузен.
Утринава, сепак, „Кадена Сер“ посочува дека во потесниот список како сериозен кандидат е Роберто де Зерби од Брајтон. Италијанскиот стручњак исто така многу импресионираше со својата работа во Англија и моментално од многу експерти е идентификуван како еден од најперспективните тренери. Името на Де Зерби веќе подолго време се поврзува со Барселона, како и евентуална замена за Пеп Гвардиола на кормилото на Манчестер Сити.
Притисокот врз Карло Анчелоти нагло се зголеми по поразот викендов од Атлетико Мадрид со 3-1 по совршениот почеток со пет победи во првите пет натпревари. Италијанецот е под договор до крајот на сезоната, по што се очекува да го напушти „Сантијаго Бернабеу“ и да ја преземе репрезентацијата на Бразил.