Битола конечно ја доби потребната доза на надеж дека Пелистер има што да покаже во Лигата на шампионите. Потврдата за ова дојде од дуелот со Кил, против кого македонскиот првак одигра одличен натпревар, но за жал на крајот го плати „данокот“ на неискуство и беше поразен со 20-23.
„Овој натпревар треба да ни биде поттик како треба да се однесуваме во иднина. Влеговме максимално мотивирано, знаевме дека екипата мора да проработи. Кил е многу поискусен и тоа беше единствената разлика на теренот. Шеесет минути бевме максимално бодрени и крајно време е да почнеме да победуваме.
Макотрпно се работи на тренинзи, се анализира противникот и самите играчи меѓусебно повеќе се разбираат и во иднина ќе биде само подобро. Супер-проитивници ни се ривали во Лигата на шампионите и мора да сме 200% спремни. Ветувам дека во иднина на секој домашен натпревар ќе гледате ваков Еурофарм Пелистер“, изјави капитенот Жарко Пешевски.
Следниот меч во ЛШ, Пелистер го игра на 12. октомври против ПСЖ на гости.